Женева (МОТ вести) – Светот се соочува со „неодложен предизвик“ за создавање 600 милиони продуктивни работни места во текот на следната деценија со цел генерирање одржлив развој и одржување на социјалната кохезија, се вели во годишниот извештај на Меѓународната организација на трудот (МОТ) за вработувањето во глобални рамки.
„По три години континуирани услови на криза на глобалниот пазар на труд и со сите изгледи за понатамошна деградација на економската активност, постои акумулирање на глобалната невработеност од 200 милиони,“ вели МОТ во годишниот извештај насловен „ Глобални трендови во вработувањето 2012 г.: Спречувајќи подлабока криза во вработувањето“. Покрај тоа, во извештајот се вели дека ќе бидат потребни повеќе од 400 милиони нови работни места во текот на следната деценија за да се пресретне раст на работната сила што се проценува на 40 милиони годишно.
Во Извештајот за глобални трендови во вработувањето, исто така, се вели дека светот се соочува со дополнителниот предизвик за создавање пристојни работни места за околу 900 милиони работници и нивните семејства кои живеат под границата на сиромаштија од 2 американски долари дневно, главно во земјите во развој.
„И покрај макотрпните напори на владите, кризата во вработувањето продолжува нескротено, така што во светски рамки, еден од три работници – или околу 1,1 милијарда луѓе – се или невработени или живеат во сиромаштија“, вели генералниот директор на МОТ, г. Хуан Сомавија. „Она што е потребно е создавањето работни места во реалната економија да ни стане приоритет број еден“.
Во извештајот се вели дека закрепнувањето кое започнало во 2009 година беше кратоковечно и дека има сеуште има 27 милиони невработени работници повеќе отколку на почетокот на кризата. Фактот дека економиите не генерираат доволно работни места се одразува во стапката на вработеност, што претрпе најголем историски пад забележан досега во периодот од 2007 (61,2 проценти) до 2010 година (60,2 проценти).
Истовремено, во рамките на работната сила во моментов има 29 милиони работници помалку отколку што се очекувало врз основа на преткризните трендови. Ако овие обесхрабрени работници се сметаат за невработени, тогаш глобалната невработеност ќе порасне од актуелните 197 милиони на 225 милиони, а со тоа стапката на невработеност ќе порасне од 6 проценти на 6,9 проценти.
Извештајот отсликува три сценарија за иднината на вработувањето. Основната процена покажува дополнителни 3 милиони невработени во 2012 година, кои би пораснале до 206 милиони до 2016 година. Ако глобалната стапка на пораст падне под 2 проценти, тогаш невработеноста ќе достигне 204 милиони во 2012 година. Според „посветлото“ сценарио, претпоставувајќи дека кризата со евро долгот брзо ќе се разреши, глобалната невработеност ќе биде за 1 милион пониска во 2012 година.
Младите луѓе и понатаму се оние кои се најтешко погодени од кризата во вработувањето. Судејќи според моменталниот тек, постои многу мала надеж за значително подобрување на изгледите за вработување во блиска иднина, се вели во извештајот.
Во „Глобални трендови во вработувањето 2012 г.“ се истакнува дека 74,8 милиони млади луѓе на возраст од 15 до 24 години биле невработени во 2011 година, што претставува пораст за повеќе од 4 милиони од 2007 година. Исто така, во извештајот е наведено дека на глобално ниво, приближно три пати е поверојатно младите луѓе да бидат невработени и како возрасни. Глобалната стапка на невработеност меѓу младите изнесува 12,7 проценти што е цел еден процентен поен над преткризното ниво.
Други главни наоди вклучени во извештајот се:
- Постои значително забавување во стапката на напредок при намалувањето на бројот на вработени сиромашни луѓе. Приближно 30 проценти од сите работници на светот – повеќе од 900 милиони – во 2011 година живееле под границата на сиромаштија од 2 американски долари дневно, односно околу 55 милиони повеќе од очекуваното врз основа на преткризните трендови. Од овие 900 милиони вработени сиромашни луѓе, приближно половина живееле под границата на екстремна сиромаштија од 1,25 американски долари.
- На глобално ниво, во 2011 година, бројот на работници на ранливи работни места се проценува на 1,52 милијарди, пораст од 136 милиони во споредба со 2000 година и од околу 23 милиони во споредба со 2009 година.
- 50,5 проценти од жените се во ранливо вработување, стапка која го надминува соодветниот процент кај мажите (48,2).
- Поволните економски услови ја подигнаа стапката на создавање работни места над онаа на растот на работната сила, со тоа поддржувајќи ја домашната побарувачка особено во поголемите економии што бележат побрз развој во Латинска Америка и Источна Азија.
- Високи стапки на невработеност во Централна и Југоисточна Европа (земји што не се членки на ЕУ) и Заедница на независни држави (ЗНД): И покрај падот за 0,9 процентни поени, стапката на невработеност во Централна и Југоисточна Европа (земји што не се членки на ЕУ) и ЗНД останува висока на 8,6 проценти, што е за 2,6 проценти повисоко од проценетиот глобален просек од 6 проценти во 2011 година. Во поголемиот дел од минатата деценија, стапката на невработеност кај возрасните во Централна и Југоисточна Европа (земји што не се членки на ЕУ) и ЗНД е највисока во светски рамки. Во 2011 година, беше фиксна на 7,2 проценти, рамо до рамо со стапката на невработеност кај возрасните во развиените економии, и покрај поограничената достапност на социјална заштита во земјите од регионот. Стапката на невработеност меѓу младите се намали за 1,7 процентни поени, но остана на високите 17,7 проценти во 2011 година. Постои особена веројатност, ваквата висока стапка на невработеност кај младите мажи и жени да има негативно влијание, коешто може да доведе до пониски нивоа на човечки капитал, да ги намали платите и да го ослабне учеството на работната сила во иднина.
- Јазот во работната продуктивност помеѓу развиените земји и земјите во развој – важен индикатор кој ја мери конвергентноста на нивоата на приход меѓу земјите – се намали во последните две децении, но сепак е од голема важност: Учинокот по работник во развиените економии и Европската унија изнесуваше 72.900 УСД во 2011 година, наспрема просекот од 13.600 УСД во регионите во развој.
„Последните податоци ја одразуваат нееднаквоста и постојаната исклученост со која се соочуваат милиони работници и нивните семејства“, истакна г. Сомавија. „Дали ќе закрепнеме од оваа криза ќе зависи, првенствено, од ефективноста на владините политики. А политиките ќе бидат ефективни доколку имаат позитивно влијание врз животите на луѓето.
Во извештајот се повикува на целни мерки за поддршка на порастот на работни места во реалната економија и се предупредува дека јавните мерки за поддршка, сами по себе, не се доволни за постигнување одржливо закрепнување.
„Креаторите на политики мора да делуваат одлучно и да соработуваат во насока на намалување на стравот и несигурноста што има негативно влијание врз приватните инвестиции, така што приватниот сектор ќе може повторно да го покрене главниот механизам за креирање работни места на глобално ниво“, се вели во извештајот.
Исто така, се предупредува дека, во време на нерешителна понуда, важно е да има и дополнителна стимулација, а тоа може да се направи на начин што одржливоста на јавните финансии нема да биде под ризик. Во извештајот се повикува на спроведување фискална консолидација, на начин што вклучува социјална одговорност, при што изгледите за пораст и вработување се основни принципи што треба да се следат.
За повеќе информации:
Меѓународна организација на трудот
Даме Груев 14, 1000 Скопје
Тел. 02 5512694
Е-пошта: krstanovski@ilo.org
|