Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија:
Постојано ќе работи на реализација на човековиот дух за слобода, правда и единство, за победа над сите облици на потчинетост, тешкотии и експлоатација.
Ќе работи на здружување на сите работници од било која националност, верска припадност или политичка определба, кои ја негуваат каузата за демократија и взаемна солидарност.
Ќе се посвети на подобрување на животот на работниците и нивните семејства, со постојана борба за достоинство на работникот и обезбедување на социјална сигурност.
Посветено ќе работи на градење на силно, слободно и демократско работничко движење за создавање на прогресивна коалиција за социјална и економска правда. Ќе создаде политичка сила на синдикално движење кое ги истакнува сите прашања кои влијаат на нашите животи.
Ќе ја зајакне улогата на синдикатите за посилно влијание врз работодавците при донесување на закони кои се однесуваат на нашите права и работни услови. Синдикатите здружени во Конфедерацијата ќе работат врз заеднички цели со меѓусебна доверба, со заеднички активности, и енергично и без исклучок ќе ги бранат интересите и правата на работниците.
Ќе го промениме синдикалното движење во земјата со примена на методи и цели својствени на најмоќните западни синдикати. Ќе направиме гласот на работниците од претпријатијата и установите да се слушне во Владата и Парламентот.
Безусловно ќе ја раскинеме коалицијата на сегашните синдикални врхушки со менаџерските тимови и претставниците на власта на сметка на работниците и ќе ставиме крај на квазисиндикализмот. Со менаџерите и власта ќе воспоставиме конструктивни односи за бескомпромисна одбрана на работничките интереси и права, со легитимно користење на активната синдикална сила.
Со конкретни активности и резултати и со веќе обезбедена силна меѓународна синдикална поддршка многу брзо ке побараме да станеме дел од европското и светското синдикално семејство.
Со верба и доверба во реалната моќ на нашите работници ќе победиме со тоа што ќе изградиме силно, слободно и демократско синдикално движење на работниците.